Пон - Пет: 08:00-15:00 | Саб: 08:00-14:00 02 / 2741 000 ; 070 / 271 662
Бул. Борис Трајковски бр.62
Кисела Вода, Скопје

Анемија поради недостиг на железото – сидеропенична анемија

Анемија или слабокрвност е намалување на масата на црвените крвни клетки е најчесто пореметување на крвта. Улогата на црвените крвни клетки, еритроцити, е во пренесувањето на кислородот од белите дробови до ткивата, а јаглеродниот диоксид од ткивата до белите дробови. Тоа се овозможува со помош на хемоглобинот. Анемијата не е болест туку состојба со која се манифестираат поголем број заболувања.

Анемијата поради недостиг на железото е многу честа во човечката популација, особено кај жените во репродуктивниот период. 1/3 до 1/5 од здравите жени во репродуктивниот период имаат намалено количество на железо во крвта. Секоја здрава бременост и одзема на мајката приближно 500 mg железо. Намаленото количество на расположливото железо доведува до намалено создавање на хемоглобинот, а со тоа и до пореметено производство на црвените крвни клетки, еритроцитите. Оваа состојба се случува при: хронично крварење, недоволен внес на железо преку исхраната, особено кај доенчиња и деца, при пореметување на апсорпцијата на железото од дигестивниот систем како и при зголемен распад на еритроцитите како последица од други заболувања.

Клиничката слика на анемијата ги вклучува следните симптоми: слабост, засилен замор, отежната концентрација, бледа кожа и слузници , вртоглавица и зуење во ушите, главоболка и иритабилно однесување. Ако анемијата е потешка се јавува тахикардија особено изразена при напор.

Специфични знаци кои укажуваат на овој тип на анемија се и појавата на промена на ноктите, односно губиток на конвекситетот на истите, може да се појави и потреба за конзумирање на супстанци кои не се храна, земја, хартија, треба, коса и сл.

Наодот на крвна слика покажува намален број на еритроцити, намален среден волумен на еритроцити (MCV). Од биохемиските параметри карактеристичен е наодот на ниско серумско железо, зголемена вредност на трансферин како и ниска вредност на феритин.

Пациентите кои боледуваат од анемија покрај пропишаната терапија мора да внимаваат на исхраната која треба да содржи витамини и железо.

Оброците треба да бидат збогатени со црвено месо, телешки џигер, риба, јајца, сушено овошје и сојни производи.

Д-р Виолета Филипче

Спец. По Медицинска Биохемија